1. За програмата
VAMAS Стартап програмата е поддршка од ВАМАС ЕНТ ДООЕЛ Скопје (во понатамошниот текст: VAMAS) за новоформирани фирми: бесплатен хостинг пакет за определен период, во замена за видлива ознака дека фирмата е поддржана од VAMAS.
Со означување на полето „Ги прочитав и се согласувам“ во формата за аплицирање, апликантот (во понатамошниот текст: Корисникот) изјавува дека ги прочитал овие услови, дека ги прифаќа и дека е овластен да ја застапува фирмата.
2. Кој може да аплицира
- фирми регистрирани во Централниот регистар на Република Северна Македонија, не постари од 24 месеци на денот на аплицирањето;
- фирми во основање — апликацијата може да се одобри, а договорот се склучува откако фирмата ќе биде регистрирана;
- по една апликација за една фирма, односно за еден сопственик.
Податоците во апликацијата мора да бидат вистинити и точни. VAMAS слободно одлучува кои апликации ќе ги одобри и нема обврска да ја образложи одлуката. Одговор се дава во рок од 5 работни дена.
3. Пакетот
- хостинг за еден домен;
- 1 GB простор за датотеките на сајтот, базата на податоци и е-поштата заедно;
- најмногу 3 е-пошта адреси на доменот;
- една база на податоци, бесплатен SSL сертификат, кориснички панел и техничка поддршка по е-пошта.
Пакетот не може да се зголемува, да се пренесува на други лица ниту да се користи за сајтови на други фирми. За поголеми потреби Корисникот може во секое време да премине на редовен платен пакет.
4. Доменот
Хостингот е за доменот на фирмата, кој за време на програмата мора да биде кај VAMAS:
- постоечки домен — Корисникот го отклучува кај сегашниот регистрар и го пренесува кај VAMAS (со кодот за пренос / EPP);
- нов домен — се регистрира преку VAMAS, на име на фирмата на Корисникот.
Хостингот е бесплатен, но трошокот за регистрација, пренос и годишно обновување на доменот го плаќа Корисникот по редовниот ценовник на VAMAS. Доменот е сопственост на Корисникот и по завршувањето на програмата може слободно да го пренесе кај друг регистрар.
5. Траење
Бесплатното користење трае 12 месеци од денот на активирањето на хостингот, освен ако во договорот не е определено поинаку.
Најдоцна 30 дена пред истекот VAMAS го известува Корисникот за можноста да продолжи на редовен платен пакет. Ако Корисникот не продолжи, податоците се чуваат уште 30 дена по истекот, а потоа трајно се бришат.
6. Ознака „Хостирано од VAMAS“
Најдоцна 14 дена по активирањето на хостингот и за целото траење на програмата, Корисникот на секоја страница од својот сајт, во долниот дел (footer), го поставува текстот „Хостирано од VAMAS“ (на англиска верзија на сајтот: „Hosted by VAMAS“) со активен линк до https://vamas.mk.
Ознаката мора да биде видлива и читлива — со букви не помали од останатиот текст во footer-от — и не смее да биде скриена, затемнета или отстранета. Пример за код:
<p>Хостирано од <a href="https://vamas.mk/">VAMAS</a></p>
7. Лого и име на VAMAS на настани
Доколку Корисникот организира или е коорганизатор на каков било настан — промоција, лансирање на производ, конференција, работилница, натпревар, онлајн настан или слично — името и логото на VAMAS се објавуваат како поддржувач („Поддржано од VAMAS“) на сите промотивни материјали за настанот: покани, постери, банери, презентации, веб-страница и објави на социјалните мрежи.
Корисникот го известува VAMAS за настанот најмалку 7 дена однапред, на [email protected]. Логото го доставува VAMAS и тоа не смее да се менува. VAMAS може да побара неговото име и лого да не се поврзуваат со настан чија содржина е спротивна на закон, на јавниот морал или му штети на неговиот углед.
8. Забрана за штета на VAMAS
Корисникот нема да преземе ништо што може да му нанесе штета на VAMAS, на неговите системи, на другите корисници или на неговиот углед, а особено:
- напади, скенирање, преоптоварување или обиди за неовластен пристап до серверите и мрежата на VAMAS или на трети лица;
- заобиколување на ограничувањата на пакетот, препродавање или отстапување на услугата;
- испраќање несакана масовна е-пошта (спам) или објавување содржини поради кои IP-адресите или доменот на VAMAS би завршиле на црни листи;
- навредливи, невистинити или клеветнички изјави за VAMAS.
Корисникот одговара за целата штета што ќе ја предизвика со повреда на оваа точка, вклучително и за трошоците за отстранување на последиците.
9. Забрана за незаконски активности
Хостингот не смее да се користи за незаконски активности, а особено за: фишинг и измама, ширење малициозен софтвер, повреда на авторски права и други права на интелектуална сопственост, нелегални игри на среќа, продажба на забранети стоки и услуги, говор на омраза, материјали со сексуална злоупотреба на деца, неовластена обработка на лични податоци и секоја друга содржина или дејност забранета со закон.
Важи и Политиката за прифатливо користење. При сомневање за незаконска активност VAMAS може веднаш да ја суспендира услугата и да ги извести надлежните органи.
10. Промоција на учесниците
Корисникот се согласува VAMAS да го наведува како учесник во Стартап програмата — со назив, лого и линк до сајтот — на својата веб-страница, социјални мрежи и презентации. Корисникот може да ја повлече оваа согласност со писмено известување.
11. Обврски и одговорност на VAMAS
VAMAS ја обезбедува услугата со иста техничка грижа како и платените пакети, прави редовни резервни копии и дава техничка поддршка по е-пошта. Бидејќи услугата е бесплатна, VAMAS не дава паричен надомест за прекини и не одговара за изгубена добивка. Корисникот сам чува сопствена копија од своите податоци.
12. Суспензија и раскинување
Ако Корисникот не ги исполнува обврските за ознаката „Хостирано од VAMAS“ и за логото на настани, VAMAS му праќа писмено предупредување и рок од 7 дена за исправка; ако повредата не се отстрани, учеството во програмата престанува. При повреда на забраните за штета и за незаконски активности VAMAS може да ја суспендира услугата и да го прекине учеството веднаш, без предупредување.
Корисникот може да се откаже од програмата во секое време, со писмено известување 15 дена однапред. По престанокот Корисникот може да ги преземе своите податоци во рок од 15 дена, освен ако услугата е суспендирана поради незаконска активност.
13. Лични податоци
Податоците од апликацијата (име и презиме, телефон, е-пошта, податоци за фирмата) VAMAS ги обработува за разгледување на апликацијата и за спроведување на програмата, согласно Законот за заштита на личните податоци и Политиката за приватност. Како доказ за согласноста со овие услови се чуваат датумот, времето и IP-адресата на аплицирањето. Податоците од неодобрените апликации се бришат по 12 месеци.
14. Измени на условите
VAMAS може да ги измени овие услови со известување по е-пошта најмалку 30 дена однапред. Ако Корисникот не се согласува со измените, може да се откаже од програмата пред тие да стапат во сила.
15. Завршни одредби
По одобрувањето на апликацијата, VAMAS и Корисникот склучуваат писмен договор што ги содржи овие услови; ако нешто во договорот се разликува, важи договорот. За сè што не е уредено се применуваат Општите услови за користење и Законот за облигационите односи. За спорови е надлежен судот во Скопје.